Амблем
Амблем
Official Web Presentation
 

 
 

Статут

                     Врз основа на член 20 од Уставот на Република Македонија и членовите 20 и 37 од Законот за здруженија на граѓани и фондации (Сл.весник на РМ бр.31 од 2.07.98). Собранието на Друштвото на библиотекарите на Македонија, на седницата одржана на 5.1.1999, донесе

 

С Т А Т У Т
на Библиотекарското друштво на Македонија (БДМ)

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

                     Со овој Статут се утврдуваат целите и задачите на здружението на граѓани Библиотекарското друштво на Македонија (во понатамошниот текст Друштво), називот и седиштето на Друштвото, условите и начинот на зачленување и престанување на членството, правата, обврските и одговорностите на членовите, неговите органи, формите на дејствување и начинот на донесување и измените и дополнувањата на Статутот.

Член 2

                     Библиотекарското друштво на Македонија е доброволно здружение на граѓани: библиотечни работници и други индивидуални и колективни членови (правни лица).
                     Членовите на БДМ можат да се организираат во секции, регионални ограноци и други форми на дејствување, во зависност од нивните потреби и интереси во согласност со Статутот.

 

II. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 3

                     Цели и задачи на Друштвото:

                     - унапредување на библиотекарството и координирање на развојот на библиотечната дејност;
                     - стручно усовршување на библиотекарскиот кадар преку примена на соодветни форми на дообразование;
                     - обединување и застапување на професионалните интереси на членовите и нивно претставување пред државните органи и пошироката јавност;
                     - покренување иницијативи за нормативно регулирање на одделни прашања преку закони, други прописи и колективни договори;
                     - издавање стручни публикации;
                     - соработка со меѓународни и други библиотекарски асоцијации со цел за унапредување на дејноста и нејзино афирмирање во светот.

Член 4

                     Целите и задачите од член 3 на овој Статут, Друштвото ги остварува преку дејноста на: регионални ограноци и секции; седници на Собранието и другите органи и тела; издавачка дејност; стручни собири и други форми на меѓународна соработка; промоции и изложби на книги и сл.

 

III. НАЗИВ И СЕДИШТЕ

Член 5

                     Називот на здружението на граѓани е: Библиотекарско друштво на Македонија.                                           Скратен назив на здружението е БДМ.

Член 6

                     Седиштето на Друштвото е во Скопје, со адреса:

                     Бул. "Гоце Делчев" бр.6, (во објектот на НУБ)"Св.Климент Охридски" - Скопје).

Член 7

                     Друштвото има својство на граѓанско правно лице и е регистрирано кај надлежниот основен суд на чија територија се наоѓа неговото седиште.

Член 8

                     Друштвото има свој печат, штембил и амблем.
                     Печатот е тркалезен со пречник од 26 мм и го содржи текстот: Библиотекарско друштво на Македонија - Скопје.
                     Штембилот има форма на правоаголник во размер 7 х 3 см, со текст како на печатот и простор за активниот број и за датумот на неговото употребување.
                     Амблемот е тркалезен. Во средината има отворена книга, над која стои птицата буф (симболот на мудроста и знаењето), а околу неа е испишан називот: Библиотекарско друштво на Македонија.

Член 9

                     Меѓународниот ден на книгата е 23 Април, е воедно и Ден на библиотечните работници на Република Македонија.

Член 10

                     Друштвото доделува награда "Климентова повелба" за особени резултати постигнати во развојот на библиотекарството во Македонија.
                     Наградата се доделува согласно со Правилникот за доделување на наградата "Климентова повелба", усвоен на 4 и 5.6.1998 година.


IV. ЧЛЕНСТВО ВО ДРУШТВОТО


Член 11

                     Друштвото го сочинуваат индивидуални и колективни членови.
                     Индивидуални членови на Друштвото може да бидат библиотечни работници и други заинтересирани граѓани на Република Македонија.
                     Зачленувањето е со потпишување на пристапна изјава со која членот се обврзува дека го прифаќа и ќе ги почитува Статутот и Етичкиот кодекс на Друштвото.
                     Колективни членови на Друштвото се библиотеки и други сродни институции, коишто потпишале пристапна изјава.
                     За членовите на Друштвото се води регистар на членството, кој се ажурира еднаш годишно.

Член 12

                     Друштвото може да има и почесни членови (индивидуални и колективни) од Република Македонија и странство.
                     Почесните членови ги избира Собранието на Друштвото, на предлог на Извршниот одбор, а врз основа на востановените посебни заслуги за развојот на библиотекарството, библиотеките или Друштвото, согласно со усвоените "Критериуми за доделување на звање почесен член на БДМ" (4-5 јуни 1998).

Член 13

                     Членството во Друштвото може да престане:
                     - на лично барање, поднесено до Собранието;
                     - поради неплаќање на утврдената членарина повеќе од една година, а со одлука на Собранието;
                     - поради дејствување спротивно на целите и задачите на Друштвото, а со одлука на Собранието.

Член 14

                     Членовите на Друштвото имаат право и должност:
                     - да бидат избирани и да учествуваат во работата на органите, постојните и повремените комисии и тела на Друштвото;
                     - да дејствуваат согласно со Статутот и Етичкиот кодекс на Друштвото;
                     - да покренуваат иницијативи и да преземаат активности согласно со Програмата за работа на Друштвото;
                     - редовно да ја плаќаат утврдената членарина:
                     - навреме да ги извршуваат сите одлуки и заклучоци на органите и телата на Друштвото;
                     - бесплатно да го добиваат гласилото на Друштвото;
                     - да бараат посредување заради заштита во случај на попречување на стручната дејност.

 

V. ОРГАНИ НА ДРУШТВОТО

Член 15

                     Органи на Друштвото се: Собрание, Извршен одбор, претседател и Надзорен одбор.

Член 16
С о б р а н и е

                     Највисок орган на Друштвото е Собранието.
                     Собранието го сочинуваат сите членови на Друштвото.
                     Секој член, присутен на Собранието, има само по еден глас.
                     Собранието на Друштвото се свикува најмалку еднаш годишно (редовно) и по потреба (вонредно).
                     Редовното и вонредното Собрание ги свикува и со нив раководи претседателот на Друштвото или во негово отсуство секретарот, врз основа на одлука на Извршниот одбор и по барање на најмалку една петтина од членството.
                     Ако претседателот на Собранието во рок од 14 дена, од денот на дадениот предлог не свика седница, неа ја свикува ИО или иницијаторите. Седницата на Собранието за работата на ИО може да се свика и на предлог на Надзорниот одбор.
                     Собранието се одржува доколку се присутни повеќе од половината од членовите на БДМ.
                     Собранието, по правило, одлуките ги донесува со мнозинство на гласовите од присутните.

Член 17

                     Собранието:
                     - го донесува, менува и дополнува Статутот;
                     - Статутот на Друштвото може да се промени и по пат на изјаснување, по пошта, по претходно писмено изјаснување на целокупното членство. Изјаснувањето по пошта е валидно доколку во него зеле учество барем една петтина од членството, со право на глас. Гласањето завршува со прием на поштата и одлуката станува полноважна доколку за неа се изјасниле повеќе од половината гласачи;
                     - усвојува Програма за работа, Финансиски план, Завршна сметка и Извештај за работа на Друштвото;
                     - расправа и утврдува насоки за работа на Друштвото во согласност со неговите цели и задачи;
                     - одлучува за промена на целта на здружувањето;
                     - одлучува за основање и укинување на секции, регионални ограноци и други форми на организирана активност во рамки на Друштвото;
                     - одлучува за висината на членарината во тековната година;
                     - одлучува за здружување или за разделување од друго здружение;
                     - склучува договори за соработка со други сродни институции од земјата и странство и донесува одлуки за зачленување на Друштвото во меѓународни асоцијации;
                     - констатира прием на нови членови и врши избор на почесни членови на Друштвото врз основа на препораките на ИО и одлучува за престанок на членувањето;
                     - избира органи на Друштвото: Извршен и Надзорен одбор и ги разгледува извештаите и заклучоците за нивната работа;
                     - одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство;
                     - донесува одлука за востановување на наградата "Климентова повелба";
                     - одлучува и за други прашања што не се во надлежност на другите тела на Друштвото;
                     - врши избор на членови на Комисијата за наградата "Климентова повелба";
                     - врши други работи во согласност со Статутот и општите акти на Друштвото.

                     На Собранието се одлучува со јавно гласање.

Член 18
И з в р ш е н    о д б о р

                     Извршниот одбор го сочинуваат 7 членови од чии редови се избираат претседател и секретар. Мнозинството од членовите на ИО се државјани на Република Македонија.
                     Претседателот на Извршниот одбор е и претседател на Друштвото.
Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае 2 години со можност за уште еден мандат.
                     Претседателот го свикува Извршниот одбор по негова или по иницијатива на некој од членовите.

Член 19

                     Извршниот одбор:
                     - ги подготвува седниците на Собранието;
                     - го подготвува Предлог-статутот и предлага некои измени и дополнувања;
                     - предлага нацрт на други одлуки што треба да ги донесе Собранието;
                     - ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието;
                     - изготвува Програма и Извештај за работа на Друштвото и ги поднесува на усвојување на Собранието;
                     - презема активности за реализација на Програмата за работа на Друштвото и одлуките на Собранието;
                     - ја организира работата на Собранието;
                     - врши избор на членови на Издавачкиот совет;
                     - именува и разрешува секретар на Друштвото;
                     - подготвува годишен финансиски план за работа на Друштвото што го усвојува Собранието;
                     - разгледува иницијативи и донесува одлуки за формирање секции, регионални ограноци и други форми на организирана активност во рамките на Друштвото и ги разгледува плановите, извештаите и заклучоците за нивната работа;
                     - формира постојани и повремени работни тела и го определува делокругот на нивната работа;
                     - управува и одговара за управувањето со имотот на Друштвото;
                     - се грижи за финансиско-материјалното работење на Друштвото, донесува одлуки за користење на средствата и одредува благајник;
                     - изготвува предлози до Собранието за избор на почесни членови на Друштвото врз основа на предлог во писмена форма од најмалку 5 членови на Друштвото;
                     - подготвува и предлага правилници за доделување на награди (наградата "Климентова повелба" и др.);
                     - донесува одлуки за награди, пофалници и признанија;
                     - врши и други работи, кои произлегуваат од Статутот на Друштвото;
                     - донесува одлуки по приговори и жалби;
                     - донесува одлуки за набавка и оттуѓување на основните средства.

Член 20

                     Секциите, регионалните ограноци и другите форми на интересно здружување, се обврзани да поднесат на усвојување до ИО деловник и програма за работа.

Член 21

                     Секциите, регионалните ограноци и другите форми на интересно здружување во рамките на Друштвото, поднесуваат Извештај за својата активност до ИО, најмалку еднаш годишно.

Член 22

                     Извршниот одбор полноважно одлучува ако присуствуваатна седницата повеќе од половината од членовите, а одлуките се сметаат за донесени доколку за нив гласале повеќе од половина од вкупниот број членови на Извршниот одбор.
                     За својата работа, Извршниот одбор поднесува годишен или периодичен извештај и е одговорен пред Собранието на Друштвото.

Член 23

Претседател на Друштвото

                     Претседател на Друштвото:
                     - го застапува и претставува Друштвото и ги потпишува неговите акти;
                     - ги свикува и раководи со седниците на Собранието и Извршниот одбор;
                     - ги спроведува одлуките и заклучоците на Извршниот одбор и Собранието;
                     - врши функција на главен и одговорен уредник на издавачката дејност на Друштвото.

                     За својата работа претседателот е одговорен пред Извршниот одбор и Собранието.
                     Во отсуство на претседателот неговите функции ги врши секретарот врз основа на полномошно.
                     Секретарот на Друштвото е одговорен за административното работење на истото.
Претседателот и благајникот се одговорни за финансиското работење на Друштвото.

Член 24
Надзорен одбор

                     Надзорниот одбор се состои од 3 члена кои ги избира Собранието со мандат од 2 години, со можност за продолжување за најмногу уште еден мандат.
                     Надзорниот одбор ја следи примената на Статутот и Етичкиот кодекс на Друштвото, врши надзор на спроведувањето на одлуките на органите на Друштвото и за утврдените неправилности го известува Извршниот одбор.
                     Извештајот на Надзорниот одбор е составен дел на извештајот за работата на Друштвото и финансискиот извештај.

 

VI. ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ

Член 25

                     Со цел за промовирање на активностите на Друштвото, а согласно целите од член 3 на овој Статут, Друштвото организира стручна (библиотекарска) издавачка дејност.
Друштвото издава свое гласило со назив "Библиотекарска искра".

Член 26

                     Издавачката дејност на Друштвото ја организира и води Издавачки совет, врз основа на двегодишна програма и план за работа што ги прифаќа Извршниот одбор.
                     Издавачкиот совет подготвува предлог-трошковник и ценовник на чинење на планираните публикации за издавање што ги усвојува Извршниот одбор.
                     Истиот ја врши функцијата на Издавачки совет и за гласилото на Друштвото.

Член 27

                     Издавачкиот совет брои 9 членови кои ги избира Извршниот одбор со мандат од две години, со можност за продолжување на најмногу уште за еден мандатен период.
                     Од своите редови Издавачкиот совет избира претседател и редакција од три члена.
Претседателот на Издавачкиот совет е одговорен уредник на публикациите на Друштвото.

 

VII. КОРИСТЕЊЕ И РАСПОЛАГАЊЕ
СО СРЕДСТВАТА

Член 28

                     Финансиски средства за остварување на дејноста на Друштвото се обезбедуваат од:
                     - членарина,
                     - донации,
                     - буџет,
                     - издавачка дејност,
                     - дотации,
                     - други извори.

Член 29

                     Средствата на Друштвото се користат за реализација на неговите активности согласно со програмата за работење на Друштвото, а во рамките на правата, обврските и одговорностите утврдени со Законот за здруженијата на граѓани и фондации (Сл.весник на РМ бр.31 од 2.07.1998) и овој Статут.

Член 30

                     За користење на средствата на Друштвото одлучува Извршниот одбор.
                     Претседателот на Друштвото е потписник на жиро-сметката на Друштвото.


VIII. ИНФОРМИРАЊЕ НА ЈАВНОСТА

Член 31

                     Работата на Друштвото и неговите тела е јавна и се потчинува на Законот на РМ (Закон за здруженија на граѓани и фондации, Сл.весник на РМ, бр.31, од 2.07.98).
                     За својата работа и активностите Друштвото ја информира јавноста преку своето гласило "Библиотекарска искра" и преку известувања и соопштенија за печатот, како и останатите средства за јавно информирање.
                     Известувањата и соопштенијата за средствата за јавно информирање ги дава Претседателот на Друштвото или членовите на Извршниот одбор на Друштвото.

IX. ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА ПРЕСТАНОК СО
РАБОТА НА ДРУШТВОТО

Член 32

                     Друштвото престанува со работа ако:
                     - за тоа одлучи Собранието, со двотретинско мнозинство;
                     - се намали бројот на членовите под бројот потребен за основање (под 5 членови);
                     - се утврди дека Друштвото престанало да работи;
                     - ако настанат причини утврдени со член 52 од Зааконот за општествени организации и здруженија на граѓани и фондации.

                     Претседателот на Друштвото е должен за околностите од став 1 од овој член да го извести надллежниот суд во рок од 15 дена, по нивното настанување.

Член 33

                     Во случај на престанок на работата на Друштвото, неговиот имот и архива поминуваат во сопственост на Народната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" - Скопје.

 

X. ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ИЗМЕНИ И
ДОПОЛНУВАЊА НА СТАТУТОТ

Член 34

                     Статутот на Друштвото и неговите измени и дополнувања ги донесува Собранието доколку за нив се изјасниле две третини од присутните.
                     Иницијатива за измени и дополнувања на Статутот може да поднесе секој член на Друштвото, а за пристапување кон измените и дополнувањата одлучува Собранието.
                     Нацртот на Статутот, неговите измени и дополнувања ги изготвува комисија од три члена што ја избира Собранието.

XI. ПРЕОДНИ и ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35

                     Статутот влегува во сила со денот на неговото донесување.
                     Со стапувањето во сила на овој Статут (пречистен текст), престанува да важи Статутот на                      Библииотекарското друштво на Македонија усвоен на 18.4.1996 год.

други акти...

 


 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
   
Web Administrator: igc