Амблем
Амблем
Official Web Presentation
 

 
 

Етички кодекс на библиотекарите во Република Македонија

                     Уверени дека се библиотеките места за размена на информации, мисли и идеи, а свесни за улогата на библиотекарот и неговата одговорност за заштитата и развојот на цивилизацијата, како и за развојот на нашето општество, ние, библиотекарите во Република Македонија, се обврзуваме да ги почитуваме и да се однесуваме според следниве начела:

                    1. Со својата дејност го овозможуваме и поттикнуваме слободниот протек и размена на идеи, мисли и погледи, без разлика на сопствената животна определба.

                    2. Должност ни е да ги извршуваме своите задачи високо професионално: да им пружаме на корисниците квалитетни услуги; да дејствуваме на комплетирање на авторитетни и актуелни фондови; да вршиме стручна обработка, заштита и чување на библиотечниот материјал и да обезбедуваме пристап и користење на сите видови документи и информации.

                    3. Во стручната работа ги почитуваме и ги применуваме меѓународните и националните стандарди, правила и други инструменти за работа, со цел вклучување во светските библиотекарски текови и општо унапредување на библиотекарството.

                    4. Се спротивставуваме на секаков вид цензура или други ограничувања при набавката и при користењето на библиотечниот материјал.

                    5. Се залагаме за слободен протек на бинблиотечен материјал и информации и не сме одговорни за последиците од нивната употреба.

                    6. Ја гарантираме приватноста на корисникот во однос на информациите и документите што ги бара тој.

                    7. Односот кон корисникот го темелиме врз принципите на рамноправност, непристрасност и почитување на човековите права, без оглед на полот, расата, националното и социјално потекло, политичкото и верското убедување и општествената положба. и очекуваме соодветен однос и од страна на корисникот.

                    8. Должни сме да ја афирмираме и поддржуваме заштитата на авторските права.

                    9. Должни сме да правиме разлика меѓу личните и професионалните интереси, придонесувајќи на тој начин за развој на професијата.

                    10. Наша обврска е да даваме на корисниците точни, квалитетни, непристрасни и ефикасни одговори.

                    11. Без оглед на сопствените интереси, не смееме да работиме против интересот на корисникот, на своите колеги и на библиотеката или на нивна сметка да остваруваме личен материјален профит.

                    12. Комуникацијата со колегите, соработниците и корисниците ја остваруваме со почитување на достоинството на личноста и правото на поинакво мислење, а без манифестации на примитивизам, недоличност или насилство.

                    13. Секогаш ги штитиме интересите на својата институција, а евентуалните проблеми ги решаваме во самата институција, со отворен дијалог. Во јавноста сме лојални кон библиотеката и библиотекарството, а со својата работа и однесувањето придонесуваме за нивна афирмација и углед. За подигање на угледот на библиотеката се грижиме и надвор од неа, со тоа што се залагаме за висок степен на личниот професионален и морален углед.

                    14. Се залагаме за сестрана соработка со колегите во библиотеката, Републиката и надвор од неа, јавно ги презентираме своите професионални знаења и ставови, почитувајќи ги знаењата и мислењата на другите колеги, а со цел унапредување на библиотекарството.

                    15. Должни сме да го штитиме библиотечниот материјал од уништување и од оттуѓување, без оглед на нашите примарни работни задачи.

                    16. Перманентно се унапредуваме во струката, согласно со развојот на библиотекарството и воведувањето на новите технологии во библиотечното работење.

                    17. Должни сме да ги прошируваме своите општи знаења со запознавање на културните вредности, следење на културните, научните, општествените и политичките настани и достигања, а со цел да се доградуваме како личности способни да ги задоволиме разновидните барања и интересите на корисниците.

                    18. Со својата чест и морал се обврзуваме да ги применуваме, развиваме и збогатуваме овие начела и преку свој личен пример да ги упатуваме и другите колеги да ги почитуваат и применуваат.

                    19. Непочитувањето и повредата на начелата на етичкиот кодекс повлекува морална одговорност. За непочитувањето на начелата на овој кодекс решава надзорниот орган на Библиотекарското друштво на Македонија.

Библиотекарско друштво на Македонија
Скопје, 16 април 1997

други акти...


 

 
 
 
 
 
 
 
   
Web Administrator: igc